News

Промовиран Индексот на родова еднаквост на општините во Р.М.

Од денес, овој преглед на родовата еднаквост во општините е достапен на www.rodovindeks.mk.

Денес, 22-ти октомври, 2018 година, во просториите на Хотел Солун во Скопје, беа презентирани резултатите од Индексот на родова еднаквост во општините во Република Македонија подготвен од Реактор – Истражување во акција со поддршка на Проектот на УСАИД за граѓанско учество. 

Индексот на родова еднаквост е заснован на убедувањето дека за општествен напредок, жените и мажите мора да имаат еднаков пристап до можности и услуги и овозможува целокупен преглед на состојбите во сите општини во Република Македонија, анализирајќи ја нивната работа во три главни области: родов јаз, соодветни услови и родово одговорна општина. Од денес, овој преглед на родовата еднаквост во општините е достапен на
www.rodovindeks.mk.

Пред присутните се обратија г-а Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика која ја потенцираше важноста од постоење на алатки како Индексот на родова еднаквост на општините, со цел да се измери ефектот од политиките за унапредување на родовата еднаквост на локално ниво. „Овој индекс, којшто за прв пат се изработува во Македонија, ни дава основа за да можеме да видиме дали се движиме во вистинска насока со сите политики.“ - рече Царовска. Таа исто така истакна дека Министерството е посветено на подобрување на услугите за згрижување на деца, како што се градинките, како и дека со реформата за социјална заштита се предвидува развој на социјални услуги, грижа за лица со попреченост и грижа за старите лица кои доминантно традиционално припаѓаат на жените во семејството и тие не излегуваат на пазарот на труд.

Директорот на Канцеларијата на УСАИД за општ развој, Едвард Гонзалез истакна:Очекуваме подобро разбирање на разликите помеѓу жените и мажите во секоја општина во областа на економијата, образованието и социјалните услови, како и услугите што ги нудат општините кои промовираат родова рамноправност, како што се градинките, домовите за стари лица и објектите за лица со попреченост. Учеството на повеќе заинтересирани страни, ги поттикнува вашите напори за пронаоѓање на успешни решенија за промовирање на родова еднаквост.”

Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика (ДЗС), ја поздрави изработката на Индексот на родова еднаквост на општините, и воедно ги најави подготовките на ДЗС за креирање на Индекс на родова еднаквост на национално ниво, кој ќе овозможи да се споредат состојбите во Македонија со состојбите во земјите во Европската Унија и другите земји во светот.

Претседателката на Реактор - Истражување во акција, Марија Башевска, појасни дека Индексот на родова еднаквост во општините е показател за состојбите на мажите и жените во општините кој ги опфаќа сите сфери на живеење, а ги мери и достапноста и пристапот до услуги во општините и начинот на кој се програмираат и реализираат родово одговорните програми на локално ниво. „Индексот покажува дека во многу голем дел од општините недостасуваат основни јавни услуги неопходни за жените, а она што дополнително загрижува е што индексот покажува дека општините дури и кога имаат родово одговорни програми, честопати воопшто не се распределуваат буџетски средства за реализација на тие програми и поддршка на активности кои го подобруваат животот на жените во општините.“ – рече Башевска.

Резултатите од состојбите со родовата еднаквост во општините ги презентираа претставнички од Реактор, кои потенцираа дека со овој преглед на тековната состојба се нагласува потребата од инвестиции на локално ниво кои ги земаат предвид специфичните потреби на жените и мажите и овозможуваат подобрување на животот на жените, а со тоа и унапредување на родовата еднаквост и животот на сите граѓани во земјата.

Тимот на Реактор верува дека оваа алатка ќе ги мотивира општините да креираат политики кои во фокусот ќе ги имаат потребите на жените, а со тоа и ќе остварат подобри резултати на следниот преглед на Индексот, кој се планира да се спроведе во 2020 година.

На промоцијата присуствуваа повеќе од 90 претставнички и претставници од повеќе општини во Република Македонија, релевантни институции, амбасади и
претставнички и претставници на граѓанскиот сектор.

Индексот на родова еднаквост на општините во Република Македонија е изработен од Реактор - Истражување во акција како дел од проектот „Мобилизирање за родова еднаквост“, во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Целосниот преглед на родовата еднаквост во општините е достапен на www.rodovindeks.mk.